Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија поради зголемените ризици од пожари на отворен простор и шумски пожари.
Одлуката, донесена на последната владина седница, ќе биде во сила 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.
Како што информираат од Владата, целта е навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и максимално ангажирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.
Со прогласувањето на кризна состојба се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање. Во рок од 24 часа треба да биде изготвен акциски план за превенција и справување со пожарите, анализа на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на надлежните институции.
Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно прописите за управување со кризи и целосно да ги стават своите капацитети на располагање за навремена реакција.
Од Владата посочуваат дека одлуката претставува мерка за проактивно дејствување и целосна мобилизација на институциите со цел заштита на граѓаните, животната средина и природните ресурси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












