Македонската ракометна репрезентација до 18 години го претрпе и третиот пораз на Европското првенство што се одржува во Белград.
Во директниот дуел за третото место во групата А, младите македонски ракометари загубија од селекцијата на Шведска со резултат 29:33.
Швеѓаните подобро го започнаа натпреварот и уште на стартот направија серија од три погодоци за предност од 3:0. Македонија не успеа веднаш да одговори, а противникот во продолжението ја контролираше играта и во неколку наврати имаше највисоки шест гола разлика.
Сепак, македонските јуниори успеаја да се вратат во игра и со серија од четири гола да намалат на минус два на полувреме, при резултат 16:18.
Во второто полувреме сликата на теренот не се промени значително. Шведска ја задржа предноста и на крајот заслужено стигна до првата победа на шампионатот.
Со три порази во трите одиграни натпревари, Македонија го заврши настапот во групната фаза на последното место во групата А.
Во продолжението од Европското првенство, избраниците на селекторот Горан Кузмановски ќе играат за пласман од 17 до 24 место.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












