Односите меѓу Соединетите Американски Држави и Бразил дополнително се заоструваат, откако Вашингтон ѝ ја поништи визата на бразилската амбасадорка во САД, Марија Луиза Рибеиро Виоти. Потегот доаѓа само неколку дена по одлуката на Бразил да не издаде визи за американски функционери.
Од американскиот Стејт департмент соопштија дека не станува збор за протерување на амбасадорката, туку за дипломатска мерка која може веднаш да биде повлечена доколку Бразил ја одобри акредитацијата на новиот американски амбасадор во Бразилија, Даниел Перез, предложен од претседателот Доналд Трамп.
Според американските власти, амбасадорката останува во САД, но без важечка виза, која повторно би можела да биде издадена по евентуално надминување на дипломатскиот спор.
Тензиите меѓу двете земји започнаа кон крајот на јули, кога бразилските власти одбија да издадат визи за двајца американски претставници кои требало да остварат средби со изборните институции пред претседателските избори во октомври. Бразил како причина наведе можност за политичко мешање во изборниот процес.
Во меѓувреме, администрацијата на Доналд Трамп воведе и дополнителни царини за дел од бразилските производи, обвинувајќи го Бразил за нефер трговски практики.
Политичките аналитичари оценуваат дека дипломатските односи меѓу Вашингтон и владата на претседателот Луиз Инасио Лула да Силва би можеле дополнително да се влошат во пресрет на претседателските избори во Бразил, каде што се очекува неизвесна и жестока политичка трка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












