Европската Унија официјално почна со примена на новите правила за транспарентност на содржините создадени со вештачка интелигенција. Од 2 август 2026 година, компаниите, институциите и јавните тела ќе имаат обврска јасно да означуваат кога текст, фотографија, аудио или видео е создадено или изменето со помош на AI.
Обврските произлегуваат од европскиот Закон за вештачка интелигенција (AI Act), чија цел е граѓаните секогаш да знаат дали комуницираат со човек или со систем базиран на вештачка интелигенција, како и дали содржината што ја гледаат е автентична или е генерирана со AI.
За означување ќе се користат ознаки како „AI“, „AI Generated“ и „AI Modified“.
Посебен фокус е ставен на таканаречените „дипфејк“ содржини – фотографии, видеа и аудио-снимки што имитираат вистински личности, настани или институции. Новите правила се однесуваат и на системите за препознавање емоции и биометриска категоризација.
Според регулативата, доколку информативен текст од јавен интерес е создаден исклучиво со помош на вештачка интелигенција и не поминал човечка уредничка проверка, тој исто така ќе мора да биде јасно означен.
За прекршување на правилата се предвидени високи казни. Компаниите може да бидат санкционирани со до 15 милиони евра или до три проценти од нивниот глобален годишен промет, додека за институциите на Европската Унија максималната казна изнесува 750.000 евра.
Дополнително, развивачите на генеративни AI системи ќе треба да вградуваат машински читливи ознаки во содржините што ги создаваат, со што дигиталните платформи ќе можат автоматски да препознаат дали материјалот е генериран или изменет со вештачка интелигенција.
Од Европската комисија нагласуваат дека целта на новите правила не е ограничување на употребата на AI, туку обезбедување поголема транспарентност, доверба и информираност на корисниците.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












