Македонија влегува во најжешкиот период од летото, а според прогнозите, во наредните денови температурите ќе достигнуваат и до 42 Целзиусови степени. Поради екстремната опасност од пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата, додека здравствените власти апелираат граѓаните максимално да се заштитат од високите температури.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, покрај дневните горештини, следуваат и тропски ноќи, кога температурата нема значително да се намалува ниту по зајдисонце. Таквите услови дополнително го зголемуваат ризикот од топлотна исцрпеност и сериозни здравствени последици.
Последиците од жештините веќе се чувствуваат и во здравствениот систем. Итната медицинска помош во Скопје регистрира зголемен број интервенции, а лекарите предупредуваат дека најранливи се хронично болните, постарите лица, децата и бремените жени.
Медицинските лица посочуваат дека високите температури можат да предизвикаат нагли промени на крвниот притисок, срцеви и мозочни удари, како и топлотен удар, кој претставува животозагрозувачка состојба и бара итна лекарска помош.
Граѓаните се советуваат да престојуваат во разладени простории, редовно да внесуваат течности, да носат лесна и светла облека и да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












