Соединетите Американски Држави и Република Македонија постигнаа рамковен договор за воспоставување реципрочна, фер и избалансирана трговија, соопшти Белата куќа.
Во заедничката изјава се наведува дека договорената рамка има за цел продлабочување на билатералната економска соработка и обезбедување поширок пристап за извозниците од двете земји на нивните пазари.
Според договорените услови, Македонија ќе ги укине царинските давачки за американските индустриски и земјоделски производи што се пласираат на домашниот пазар. Од американска страна, пак, ќе се задржи реципрочна тарифа од 15 проценти за производи со потекло од Македонија, при што е предвидено дел од производите да добијат нулта царинска стапка.
Договорот опфаќа и обврска за надминување на нефискалните бариери што влијаат врз трговската размена. Двете страни најавуваат интензивирани консултации со цел отстранување на пречките, особено во сегментот на земјоделските производи.
Во енергетскиот дел се потенцира поддршката за изградба на гасниот интерконектор со Грција, што ќе овозможи и увоз на американски течен природен гас. По ставањето во функција на интерконекторот, земјата ќе започне со набавка на американски LNG.
Документот содржи и одредби поврзани со заштитата на животната средина и дигиталната економија. Македонија се обврзува да одржува високи стандарди во областа на животната средина и доследно да ги спроведува законските регулативи. Во делот на дигиталната трговија, земјата презема обврска да не воведува данок на дигитални услуги и да ја поддржи трајната мораториумска одлука за царини на електронски преноси во рамки на Светската трговска организација.
Двете држави оценуваат дека договорот претставува значаен исчекор кон унапредување на економските врски и дополнително зајакнување на стратешкото партнерство.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












