Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, вчера истакна дека Европа останува стратешки важна за САД. „Соединетите Држави се длабоко поврзани со Европа и нашите иднини отсекогаш биле поврзани и ќе продолжат да бидат“, нагласи тој, додавајќи дека сега е време да се разговара за тоа како ќе изгледа таа заедничка иднина.
Рубио посочи дека „стариот свет го нема“ и дека светот влегува во нова ера на геополитика, пренесе ДПА. Тој ќе учествува на 62-та Минхенска безбедносна конференција, водечки светски форум за меѓународна безбедност, на кој се очекуваат над 60 шефови на држави и влади, како и околу 100 министри за надворешни работи и одбрана.
На минатогодишниот форум, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, упати остра критика кон европските сојузници, предупредувајќи дека одредени политики можат да ја загрозат демократијата. Во својот говор, Венс индиректно се осврна на дебатата во Германија за дистанцирање на главните партии од десничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) и предупредуваше против т.н. „огнени ѕидови“ во Европа, предизвикувајќи бурни реакции.
Во декември минатата година, Вашингтон ја објави новата национална безбедносна стратегија, која аналитичарите ја толкуваа како сигнал за прилагодување на трансатлантската политика на САД. Дополнително, националната одбранбена стратегија од јануари ја потврди посветеноста на САД да останат централна сила во НАТО, со можност за прилагодување на своето присуство во Европа.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












