Во Собрание на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи комеморативна седница по повод годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.
По повод годишнината од трагедијата, Влада на Република Северна Македонија на 14 март ќе организира меѓународна конференција под наслов „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани една година потоа“. На настанот се очекува да присуствуваат претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.
Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, на конференцијата ќе учествуваат лекари и медицински персонал од 37 држави кои помогнале во лекувањето на повредените по пожарот.
Целта на конференцијата е да се направи сеопфатна анализа на институционалниот и медицинскиот одговор на трагедијата – од првичната интервенција и спасувањето на повредените, до нивниот долгорочен третман, рехабилитација и креирање системски решенија за идни слични ситуации.
На завршната сесија ќе бидат претставени и идните мерки и системски чекори што институциите планираат да ги преземат.
Во меѓувреме, за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сè уште се води судски процес пред надлежните институции.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












