Македонија е под силно влијание на сибирски антициклон кој носи екстремно ладна воздушна маса директно од Сибир, создавајќи стабилно, суво и претежно ведро, но исклучително студено време низ целата земја. Доцна синоќа времето беше ведро, со изразен мраз и појава на слана, а температурите насекаде беа длабоко под нулата. До 22 часот, најниска температура меѓу градовите беше измерена во Крива Паланка, каде што живата во термометарот се спушти до -10 степени.
На планините студот е уште поизразен. На Попова Шапка беа измерени -15 степени, додека на Титов Врв температурата се спушти до екстремни -17 степени, со тенденција на дополнително опаѓање во текот на ноќта. И денеска времето ќе остане екстремно ладно и претежно ведро. Минималните температури ќе се движат од -15 до -4 степени, а во планинските предели се очекуваат вредности до или под -20 степени. Во Скопје и околината утринската температура ќе се спушти до околу -10 степени.
И покрај сончевото време, денот ќе биде студен, а во делови од земјата температурите и преку ден ќе останат под нулата. Максималните дневни температури ќе се движат од -3 до 6 степени, додека во Скопје се очекува највисока температура од околу 2 степени. Повремено ќе дува засилен ветер од северен правец, особено долж Повардарието, што дополнително ќе го засилува чувството на студ.
Поради екстремно ниските температури се очекува појава на голомразица и силни утрински мразеви, особено на патиштата во повисоките и планинските предели. Се апелира до возачите на зголемена внимателност и прилагодување на брзината кон условите на патиштата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












