Тања Фајон, словенечка членка на Европскиот парламент и претседател на социјалдемократите, денеска на прес-конференција јавно ги објасни своите ставови за политиката на проширување на Западен Балкан, во светло на информациите кои ги преплавија регионалните медиуми изминативе денови, а кои се однесуваат на т.н. нон-пејпер.
„Во време кога треба да промовираме заемна помош и соработка, некои европски лидери се одлучуваат да промовираат разорни идеи со националистички тенденции и преку недипломатски потези го оптоваруваат веќе загриженото население со дополнителни проблеми“, предупреди Фајон.
„Секоја идеја за поставување и поместување на граници меѓу земјите, особено во Босна и Херцеговина, која претрпе најголема штета, е крајно опасен потег. Таквите експерименти се минато. Но, треба да размислиме за решенија што ќе ја направат Босна и Херцеговина земја што подобро функционира. Посакувам границите да станат симболични со пристапувањето во Европската Унија“, рече Фајон.
Тој ја застапува истата цел во однос и на другите земји, а тоа е нивни прием во Европската Унија што е можно поскоро.
„Тоа е меѓусебен однос, волја. Се појави недоверба и во овие земји затоа што во Европа ветуваме нешто, но не го исполнуваме. Но, луѓето заслужуваат побрз и подинамичен пристап кон ЕУ. Преговорите со Северна Македонија и Албанија мора да се започнат итно, двете земји ги исполнија условите и не смеат да станат заложници на парцијални интереси. Словенија може да има многу важна улога во ова за време на нејзиното претседателство“, нагласува европратеничката.
На новинарско прашање за вмешаноста на Словенија во спорниот нон-пејпер, пратеничката вели:
„Перцепцијата за Словенија се влошува. Го повикувам премиерот (Јанез Јанша) да го појасни својот став за проширувањето на Западен Балкан, особено за Босна и Херцеговина. Јас не сум запознаена со официјалниот документ, не сум го видела, но верувам дека кружат нарушувачки, националистички идеи и не би била изненадена ако некоја од нив потекнува и од Словенија“, беше децидна Тања Фајон.
Покрај премиерот, Тања Фајон исто така го покани и претседателот Борут Пахор да даде јавно образложение до Националното собрание и пошироката јавност за позицијата на Словенија кон Западен Балкан.
Во однос на бугарското вето за земјава, Фајон кон крајот на минатата година изјави дека тоа предизвикало разочарување не само кај „народот на Северна Македонија, чија иднина очигледно е во Европската Унија, туку и кај Европскиот парламент, кој останува силен поддржувач и сојузник на Северна Македонија“.