Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, смета дека постои можност за мировен договор меѓу Украина и Русија доколку двете страни се согласат да го замрзнат конфликтот и да ги продолжат мировните преговори.
Говорејќи заедно со рускиот претседател Владимир Путин на форумот „Русија – Казахстан“, кој се одржа во сибирскиот град Омск, Токаев ја пофали дипломатската умешност на Путин и порача дека е време да се бара ново решение за војната.
„Ако можам да го изразам моето скромно мислење, откако веќе бев прашан за ова прашање, можеби е време да се замрзне овој конфликт и да се започне со Истанбулската формула 2.0“, изјави Токаев.
Тој нагласи дека војната секојдневно одзема животи на млади Руси и Украинци, оценувајќи дека тоа претставува сериозна загуба за иднината на двата, како што ги нарече, братски народи.
Според Токаев, продолжувањето на борбите не е во интерес ниту на Русија ниту на Украина, додавајќи дека од конфликтот корист имаат само нивните заеднички непријатели.
На социјалните мрежи беше објавено видео од настанот, на кое, според дел од коментарите, рускиот претседател Владимир Путин изгледа видно непријатно додека Токаев ги изнесува своите ставови за можноста за замрзнување на конфликтот и обновување на преговорите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












