Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што се предвидени со него, со цел унапредување на јавното здравје и подобра заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите категории граѓани.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со сериозните здравствени последици од употребата на тутунски и никотински производи, како и од изложеноста на чад. Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми се директно или индиректно поврзани со пушењето и претставуваат значителен товар за здравствениот систем.
Следејќи ги европските практики, Комората оценува дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи и заштитата од пасивно пушење ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено меѓу младите, како и за поефикасна заштита на непушачите во затворени простории.
„Здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси“, нагласуваат од Лекарската комора, додавајќи дека доследната примена на законските ограничувања може да доведе до помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество. Комората останува подготвена активно да учествува во подигнување на јавната свест за ризиците од пушењето и да даде поддршка на сите мерки што водат кон поздрава и побезбедна заедница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












