Во моментов постои само едно реално решение со кое ФК Вардар би можел да излезе како добитник во случајот со Роџерс Мато и неговиот трансфер во Хартс. Шкотскиот клуб во изминатиот период во повеќе наврати се обидувал да постигне договор со „црвено-црните“, но секој обид завршувал со одбивање.
Откако Хартс постигна договор со фудбалерот и го промовираше како ново засилување, во македонската јавност настана вистински хаос, бидејќи Вардар практично останува без својот најдобар играч – и тоа без никаква отштета. Во таква ситуација, единствената логична опција е да се надминат суетите и да се отворат нови преговори со Хартс, во интерес на сите три страни.
Факт е дека Мато моментално се наоѓа во Уганда и нема намера да им се приклучи на подготовките на Вардар во Анталија. Со тоа, фудбалерот ризикува да не игра до јуни и да се соочи со можна суспензија. Ризик постои и за шкотскиот клуб, кој би добил играч што зад себе би имал пауза од речиси шест месеци без натпревари.
Иако Вардар во моментов делува како страна што е надвор од играта, драмата може да заврши со исплата на 500.000 евра – износот на откупната клаузула. Таа сума би ја платил Хартс, со што би се постигнал „мир во куќа“, а секој би го добил она што реално му следува. Воедно, станува збор за сума каква што Вардар никогаш досега нема добиено од продажба на фудбалер во својата историја.
Реално гледано, 500.000 евра се прифатлива сума за играч кој за шест месеци би бил слободен и кој јасно решил да замине по секоја цена, иако претходно одбил значително подобрен договор понуден од Вардар. Во целата ситуација улога имаат и менаџерските структури од Уганда, а токму преку Мато во Вардар пристигнаа уште двајца играчи кои не го достигнуваат квалитетот на постојните алтернативи на тие позиции.
Втора добитна опција, согласно правилата на ФИФА, практично не постои. Приказните за „милионски“ трансфер се нереални и повеќе служат за создавање лажна слика во јавноста. Дополнително, 20 проценти од секој иден трансфер му припаѓаат на Брера, клубот од кој Мато минатата година пристигна во Вардар за отштета од 100.000 евра.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












