Силно невреме проследено со бурни налети на ветер денеска го зафати Скопје, предизвикувајќи паднати дрвја, искршени гранки и материјални штети на повеќе локации во градот.
По невремето, екипите на градските јавни претпријатија веднаш излегоа на терен и започнаа со отстранување на последиците. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека главните булевари се проодни, а активностите за расчистување продолжуваат.
„Скопје денес го зафати силно невреме со бурни налети на ветер. Природата не можеме да ја спречиме, но реагиравме брзо, организирано, навремено и одговорно“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека екипите на градските јавни претпријатија веднаш биле испратени на терен, каде интензивно работат на расчистување на паднатите дрвја и гранки.
„Булеварите се проодни, а паднатите дрвја и гранки интензивно се расчистуваат. Ќе бидеме будни и на терен во текот на целата ноќ. Скопје нема да остане само ниту во најтешките моменти“, порача градоначалникот.
Од Град Скопје информираат дека службите ќе продолжат со интервенции на сите локации каде што има потреба, а расположливите екипи и механизација остануваат ангажирани за целосно отстранување на последиците од невремето.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












