Силното невреме проследено со бурен ветер кое попладнето го зафати Скопје предизвика бројни проблеми низ градот, а во здравствените установи биле примени вкупно 15 повредени лица.
Од нив, девет лица биле згрижени на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), додека шест лица биле примени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, информираше дека од деветте повредени лица, две имаат потешки повреди. Една жена со повреда на глава е згрижена на Неврохирургија, додека друга пациентка има скршеница на рака.
На Клиниката „Св. Наум Охридски“ биле примени лица со посекотини и набиеници, кои се третираат амбулантски. Директорот д-р Небојша Настов информираше дека тројца пациенти по прегледот биле пуштени дома, додека тројца останале на дополнителни испитувања.
„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден од лим кој паднал од покрив, а еден од паднати керамиди“, изјави Настов.
Во меѓувреме, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека од 17 до 21 часот на Единствениот број за итни случаи 112 биле регистрирани повеќе од 8.300 повици.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, соопшти дека операторите работат со полн капацитет, а поради огромниот број повици биле ангажирани и дополнителни смени.
„И во моментов сè уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите примени пријави континуирано се процесираат и се проследуваат до надлежните институции и служби“, изјави Али.
Тој апелираше до граѓаните за трпение, додавајќи дека пријавите за материјални штети можат да се доставуваат и во текот на утрешниот ден доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со 112.
Силниот ветер предизвика штети на повеќе објекти во Скопје. Во Градската општа болница „8 Септември“ не биле примени повредени лица од невремето, но е регистрирана значителна материјална штета, најмногу на кровот и кровната конструкција.
Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, посочи дека точниот обем на штетата ќе биде утврден по излегување на проценителите и изготвување официјален записник.
Според УХМР, невремето кое претходно ги зафати Албанија и Косово се движи кон Македонија. Новиот атмосферски систем се очекува да донесе поизразени врнежи, додека во Скопје постои можност за ново невреме околу 23 часот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












