Општина Кисела Вода континуирано инвестира во создавање современи услови во училиштата преку редовни инфраструктурни подобрувања и модернизација на образовните објекти. Од општината велат дека во изминатите неколку месеци се реализирани повеќе градежни зафати, реконструкции и набавка на опрема, со цел унапредување на квалитетот на наставата за секој ученик.
Во Основното училиште „Партенија Зографски“ е извршена темелна реконструкција на санитарните јазли, изградба на тоалет за лица со попреченост, комплетна замена на осветлувањето и инсталација на нова интернет мрежа. Кабинетите за одделенска настава се опремени со нов мебел и ИТ опрема, а училишниот двор е хортикултурно уреден со над 150 садници.
Во Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ е решен долгогодишен проблем со задржување на вода преку поставување на павер елементи на еден од влезовите, додека училниците се целосно реновирани и опремени со ново лед-осветлување, како и нови компјутери и телевизори.
Слични инфраструктурни подобрувања се реализираат и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, каде е поставена нова енергетски ефикасна влезна врата и хидрантска мрежа за зголемена безбедност, а во тек е и реконструкција на спортската сала.
Во ООУ „Круме Кепески“ се обновуваат спортската сала и соблекувалните, училишната трпезарија е реконструирана, поставено е ново надворешно осветлување, а потпишан е и договор за доградба на шест нови училници. Во подрачното училиште е опремена нова ресурсна соба.
Во ООУ „Свети Климент Охридски“ се поставени нови бехатон патеки, ново осветлување и смарт табли, додека во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ се гради нова спортска сала, се реконструира електричната инсталација и се набавува дополнителна компјутерска опрема.
Во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ се реализира доградба со нови училници и санитарни јазли, како и опремување со нови компјутери, лаптопи и интерактивни панели. Во ООУ „Рајко Жинзифов“ е набавена нова ИТ опрема, спортски реквизити и алати за одржување на училишниот двор.
Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, истакна дека општината има обврска да обезбеди безбедни и современи услови за развој на најмладите.
Таа нагласи дека реализираните проекти, дел со општински средства, а дел со поддршка од Владата и министерствата, претставуваат инвестиција во иднината и во подобро образование.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












