Продолжува државниот притвор во кој се ставени македонските граѓани кои во своите пасоши го немаат омилениот брор на власта – „северна“. Во 21 век, една третина од населенето не може слободно да се движи. Вакво нешто не се случило во ниту една земја во светот дури и во минатите векови, па и да била под окупација.
Власта се чини не бара доволно добри и брзи решенија за овој огромен проблем кој ја посрамоти целата држава во светот, а ги понижува и малтретира сопствените граѓани. А, решение постои, но тоа како да не се бара од оние кои се уште одлучуваат во земјава.
Дали така ќе остане и натаму ќе се види веќе утре. За тогаш е предвидено пред македонските пратеници да се најде предлог-законот кој го поднесе ВМРО-ДПМНЕ со кој треба да се продолжи траењето на старите пасоши до крајот на годината. Од партијата убедуваат дека со продолжувањето на важноста ќе им се олеснат проблемите на граѓаните со оглед на тоа што ЕУ членките сами ќе одлучуваат дали ќе дозволат премин со старите пасоши, а тие веќе најавуваат дека ќе покажат разбирање.
-На одржаниот состанок на комитетот за патни документи било покажано разбирање меѓу земјите членки во однос на техничката природа на прашањето. Со оглед дека само Грција не ги прифаќа пасошите со старо име на државата, тоа значи дека во моментов, граѓаните на Македонија може да влегуваат и излегуваат во други земји, изјави деновиве Панче Тошковски, технички министер за внатрешни работи.
Ако е така, тогаш, што може да биде непремостив проблем поради кој рокот на важењето на патните исправи не би можел да се продолжи до крајот на годината? Владините функционери, од техничкиот премиер Талат Џафери, па преку министерот за надворешние работи Бујар Османи па до екс-премиерот Димитар Ковачевски, постојано повторуваат дека како земја мора да се придржуваме до Преспанскиот договор со Грција и дека непочитувањето би ни го нарушило меѓународниот углед.
А зошто ова подетално не се објаснува? Не се кажува зошто е невозможно да се продолжи важењето на патните исправи во ситуација кога речиси сите други земји, освен Грција, покажуваат разбирање за настанатиот проблем. Не се објасснува и за кој тоа углед зборуваат функционериве.
Излегува дека првите луѓе на СДСМ и ДУИ како да не гледаат дека 650.000 лица што се во Македонија не смеат да излегуваат преку граница, а дел од нив кои се во странство, пак, не смеат да влезат оти не знаат на кој начин би можеле да се вратат на своите работни места во други земји? За овие луѓе, чиешто уставно право на слобода на движење е ограничено, мала утеха е тоа што владините претставници давата изјави за набавка на нови обрасци, што се сликаат додека ги пречекуваат пакетите на граничните премини…, кога периодот на замената ќе потрае најмалку уште година – две со вакво темпо на промените.
Значи, нешто мора итно да се направи, а тоа најлесно ќе се направи со изгласувањето на законската промена, по примерот на измените во Законот за безбедност во сообраќај.
Само на таков начин ќе се заштити угледот и достоинството на граѓаните кои се поважни од она што го наведува техничкиот премиер Талат Џафери околу некаквата потреба „да не се нанасе штета на меѓународниот углед на државата“. Зарем Џафери мисли дека меѓународниот углед на Македонија е на високо ниво ако цел свет гледа дека сме еднинствена држава во светот каде има вакви епски кршења на човековите права и ваква неорганизираност? И што не го прати Џафери неговиот сопартиец Бујар Османи во Брисел, Атина… да објасни дека некои работи мора да се направат и така да не биде нанесено како што вели – штета на меѓународниот углед?
Пратениците на СДСМ и ДУИ не треба да имаат дилема. Мора утре да реагираат брзо и соодветно, независно што тие имаат дипломатски пасоши и го немаат проблемот. Нека помислат дека на една третина од македонското население им се кршат основните права загарантирани со Уставот.
Целиот текст можете да го прочитате на skopskoeho.mk