Дел од околу 10 илјади граѓани кои добиле информативен мејл од Управа за јавни приходи дека им се евидентирани приливи од странство и дека треба да платат данок на личен доход, веќе ја подмириле обврската. Друг дел, пак, бара пролонгирање на рокот, наведувајќи дека им е потребно дополнително време за да обезбедат соодветна документација од странските работодавачи.
Најголем дел од засегнатите работеле за компании ангажирани во американски бази во Ирак и Авганистан, а сега треба да достават потврди каде биле ангажирани и колкав данок платиле во странство. Станува збор за значителни суми, кои кај граѓани што работеле повеќе години достигнуваат и неколку илјади евра.
Граѓаните посочуваат дека парите ги заработиле во исклучително тешки и ризични услови, а сега од нив се бара во рок од 20 дена да платат данок за период од пет години наназад, што, според нив, е речиси невозможно без дополнително време.
Поради ова, минатата недела повеќе граѓани од Куманово организираа протест пред подрачната канцеларија на УЈП. Тие наведоа дека со мејл биле известени да докажат оти повеќе од 183 дена годишно престојувале надвор од државата, за да не се сметаат за даночни резиденти. Од Министерството за внатрешни работи, како што велат, добиле одговор дека не се чуваат податоци за движење наназад повеќе од пет години.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, изјави дека станува збор за законска обврска што постои подолг период, но досега не била доследно применувана. Таа увери дека нема да има двојно оданочување за оние граѓани кои веќе платиле данок во странство.
Според Петрова, и домашното законодавство и меѓународните договори со одредени земји овозможуваат заштита од двојно оданочување, односно ист доход да не биде оданочен двапати.
Досега, од околу 2.500 граѓани кои оствариле приходи во странство, наплатен е данок во износ од околу еден милион евра, што претставува приближно една четвртина од вкупниот број повикани лица. Од УЈП засега нема официјална одлука дали ќе се пролонгира рокот за плаќање, како што бараат дел од граѓаните. Протестантите најавуваат дека, доколку дојде до продолжување на рокот, ќе ги прекинат протестите и ќе се координираат со засегнатите граѓани од другите градови.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












