Ролан Гарос уште во првите денови ја донесе целата убавина и суровост на тенисот. Додека светскиот рекет број еден, Јаник Синер, рутински и убедливо ја започна својата мисија во Париз, публиката во француската престолнина беше сведок и на две големи изненадувања – елиминацијата на Данил Медведев и појавата на нова француска тениска надеж, 17-годишен талент.
Враќањето на Синер на теренот „Филип Шатрие“ ги разбуди сеќавањата на минатогодишното драматично финале против Карлос Алкараз, но Италијанецот овојпат делуваше целосно подготвен за нов поход кон титулата. Првиот носител без поголеми проблеми го совлада домашниот тенисер Клеман Табур со 3-0 во сетови (6-1, 6-3, 6-4).
Синер одигра доминантен меч со 40 директни винери, двојно повеќе од противникот, и не дозволи ниту една брејк-топка во текот на целиот дуел, кој траеше нешто повеќе од два часа. Со оваа победа, тој ја запиша и својата 30-та последователна победа – импресивна серија што трае од февруари.
По натпреварот, Синер изјави дека е среќен што повторно се враќа на оваа сцена и дека Ролан Гарос за него има посебно значење, додавајќи дека првите кола никогаш не се лесни, но дека стартот во вечерната сесија му претставува дополнителна мотивација.
Во меѓувреме, вистински шок се случи на теренот „Сузан Ленглен“, каде Данил Медведев доживеа неочекувана елиминација. Поранешниот светски рекет број еден загуби во маратон од пет сета од 97-от играч на светот, Адам Волтон, со 6-2, 1-6, 6-1, 1-6, 6-4.
Со овој пораз, Медведев ја продолжи својата „црна серија“ во Париз, каде сега има скор 0-4 во мечеви кои одат во пет сета, како и дури седум елиминации во првото коло на овој турнир низ неговите десет настапи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












