Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека Македонија стои зад своите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток.
Во објава на социјалната мрежа „Х“, Муцунски истакна дека Соединетите Американски Држави јасно ставиле до знаење дека дипломатијата останува првата опција, но дека одвраќањето е неопходно кога постојат реални безбедносни ризици. Според него, безбедноста, стабилноста и одговорноста се тесно поврзани и мора да одат заедно.
Тој информираше и дека македонските амбасади и конзуларни тимови во регионот се активно ангажирани и работат на обезбедување поддршка и помош за македонските државјани, со цел гарантирање на нивната безбедност и обезбедување на потребната конзуларна асистенција.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека американските сили започнале напади врз Иран, преку видео објавено на неговиот профил на платформата „Truth Social“. Во обраќањето, Трамп изјави дека станува збор за „големи борбени операции“, чија цел е заштита на американскиот народ и елиминирање на непосредните закани што, според него, ги претставува иранскиот режим.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












