Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека имал „добар и многу продуктивен телефонски разговор“ со рускиот претседател Владимир Путин. Објавата доаѓа во пресрет на најавената средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која треба да се одржи подоцна денес во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго, во сојузната држава Флорида.
Во пресрет на средбата, републиканскиот конгресмен Мајк Тарнер изрази оптимизам, нагласувајќи дека Трамп е „на страната на мирот“. Тарнер, кој е член на Комитетот за вооружени сили во Претставничкиот дом, оцени дека предлогот што го носи Зеленски може да претставува основа за решение на конфликтот.
Во гостување во емисијата „This Week“ на ABC, Тарнер изјави дека Трамп се соочува со исклучително сложена задача да воспостави баланс меѓу спротивставените страни. Според него, Русија има цел да присвои територии што ѝ припаѓаат на друга држава, додека Украина мора да добие јасни и веродостојни безбедносни гаранции.
Тарнер изрази уверување дека Зеленски доаѓа на средбата со конкретен и изводлив план кој може да придонесе за приближување кон крајна цел – прекин на војната.
Во меѓувреме, Трамп преку својата социјална мрежа Truth Social им честиташе на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, по неколкудневните гранични судири меѓу двете земји.
Во истата објава, Трамп упати остри критики кон Обединетите нации, оценувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на актуелните глобални конфликти, посочувајќи ја како пример војната меѓу Русија и Украина. Тој порача дека Обединетите нации мора да станат поактивни и посуштински вклучени во обезбедувањето светски мир.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












