Соединетите Американски Држави извршија масовни воздушни и артилериски напади врз позиции на Исламска држава во централна Сирија, како одмазда за терористичкиот напад во кој минатата сабота беа убиени двајца американски војници и еден цивилен преведувач.
Според Централната команда на американската армија, во нападите биле погодени повеќе од 70 цели, вклучувајќи складишта за оружје и логистички објекти, при што биле употребени над 100 видови муниција. Во операцијата учествувале борбени авиони, хеликоптери и артилерија, а поддршка дале и јордански воени авиони.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека станува збор за „декларација за одмазда“, а не за почеток на нова војна, нагласувајќи дека нападите против Исламска држава ќе продолжат. Тој порача дека САД нема да се двоумат во одбраната на своите граѓани под водство на претседателот Доналд Трамп.
Нападот во близина на Палмира беше прв смртоносен инцидент со американски жртви во Сирија по падот на режимот на Башар ал-Асад. Иако одговорност официјално не беше преземена, американските разузнавачки служби проценуваат дека зад нападот стои Исламска држава.
И покрај значително намаленото американско воено присуство во Сирија, Вашингтон најави продолжување на антитерористичките операции, предупредувајќи дека ИСИС и натаму претставува сериозна закана преку тајни ќелии и регионални мрежи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












