Инетрент измама со продажба на лажни “Трамп вредносни картички и апоени“ со кои ако ги купите сега ќе вредат десет или повеќе пати откако Трамп ќе победи на изборите во САД – се вртат по интернет, наседнуваат и плаќаат наивните, а патот до изворот на измамата води до – нашиот Велес. Во прашање се заработки од милиони долари.
Од 69 креатори на слични производи за продажба, врз основа на податоците од социјалните мрежи, може да се утврди дека најмалку 45 од нив како локација го поставиле македонскиот град Велес.
Меѓу нив има и такви кои се претставуваат како студенти, но и такви кои наведуваат дека водат детски игротеки, продаваат машки костуми или дека биле сопственици на локална месарница… РСЕ (Радио слободна Европа) контактираше неколкумина, но никој не беше расположен за разговор.
„Дел од младите најдоа начин да заработат сериозни финансиски средства со брза заработка, но сега гледам дека и следните генерации млади луѓе одат по тој чекор на заработување.“, рече Колев.
Појавата не е нова, вели Колев, но нагласува дека во градот само се шпекулира што се случува и дека слушнал дека се продаваат „некои Трамп производи“.
Сè ова е еден вид јавна тајна, вели тој.
„Искрено не знам колку е ова легално или нелегално, но веројатно има злоупотреба бидејќи дел од работите кои се пласираат на тие (Телеграм) групи се дека „кога би дошол Трамп на власт дел од работите кои се продаваат ќе имаат поголема вредност“. На тој начин се манипулираат граѓаните на САД“, вели Колев.
Тој наведува и дека за настаните не разговарал со надлежните за истраги, бидејќи, како што вели, нема доволно докази.
Дека не е се легално смета и ИТ инженерот, Борче Пејчев кој се согласи да ги сподели своите сознанија со РСЕ. Пејчев живее во Велес и денес работи како програмер во меѓународна ИТ компанија.
„Претходно ме контактираа за да им изработам сајтови, но сега за да им изработам скрипти. Но јас сите ги одбив. Ми рекоа сакаш ли да ни изработиш скрипта, ќе земеш процент од тоа. Но јас им реков дека не сакам“, вели Пејчев, додавајќи дека вистинската причина за одбивањето е тоа што не сакал „да им помага на луѓето кои го прекршуваат законот“. Тој не сака да открие за кои сајтови станува збор за, како што рече, лична безбедност.
Во Велес има посебно име за новите генерации кои работат во бизнисот со продавање картички.
„Кога ќе видите низ градот, на пример, дваесетгодишник како вози бесен автомобил, знајте дека тоа се она што овде го нарекуваме „кликачи“. Затоа што всушност нивната работа е сведена на тоа, кликање“, вели Пејчев.
Градоначалникот на Велес, пак, посочува дека тие скапи автомобили што се гледаат низ градот се еден вид реклама за да се вклучат повеќе луѓе во бизнисот.
„Не можеш некој сега да го тераш да работи и да се развива чекор по чекор кога некој негов врсник преку ноќ заработил пола милион евра, еден или два милиони евра. Кога за шест месеци можеш да го видиш во Дубаи како се вози на јахта како ти да го тераш неговиот врсник да биде инженер и да работи за просечна плата во локална фабрика?“, прашува градоначалникот на Велес.
Еден од сајтовите каде на почетокот на февруари се продава еден од многуте видови „Трамп картички“ е регистриран на име на велешанецот Борче Велковски, кој за РСЕ изјави дека неговата улога во бизнисот е мала.
„Таму беше ставено само на мое име бидејќи имам некои партнери што работат и не им било дозволено и беше на мое име ставено. Сега од ова имам процент од таа работа, ама не е ништо посебно.“, вели Велковски, без да прецизира колкава сума.
Тој тврди дека сè околу страницата работат други луѓе.
„Има работи кои јас не можам и не сакам да ги кажам, кои ми се партнери и такви работи. Тоа си е дискреција. А си работат како секој што работи во цел свет, си продаваат што било, било какви работи. Така и ова се продава. Не знам што е спорно“, додава Велковски.
Со тврдењето дека е „на сосема друга страна“, Велковски рече дека тој сајт ќе го деактивира, што неколку денови после разговорот за РСЕ и го стори.
Анализата на РСЕ покажува дека не може да се врши продажба преку спорните картички.
Конкретно, картичката TRB Collect што ја купи пензионерката од Тенеси е производ кој е креиран во затворениот Телеграмски канал „TRB Collect Card + Save America Coin“.
Каналот, како што може да се види на него, започнал со работа на 12 септември 2023 година. Упатствата за продавачите се на македонски јазик.
Речиси секој ден на каналот се поставуваат огласи, кои продавачите треба да ги шират на другите отворени канали на Телеграм каде се собираат оние кои немаат доверба во конвенционалните медиуми.
За четири месеци, на овој канал се поставени повеќе од 150 огласи за привлекување американски клиенти.
Рекламите создадени за овие потреби се илустрирани со фотографии на Трамп, членови на неговото семејство, соработници и јавни личности кои ги држат овие производи во свои раце.
Така на лажните реклами на овие производи се најдоа претприемачот Илон Маск (Elon Musk), актерите Џејмс Вудс (James Woods) и Расел Бренд (Russel Brand), новинарите Такер Карлсон (Tucker Carlson) и Сем Шапиро (Shapiro), синот и ќерката се на Доналд Трамп – Доналд Трамп Џуниор и Иванка Трамп и многу други …
И видеата на кои Трамп рекламира TRB картички и вели дека тоа е уникатен производ од кој сите ќе заработат пари се дипфејк, односно се создадени со помош на една форма на вештачка интелигенција (deep learning) која може да манипулира со изразите на лицето , синтетизираат говор и лице и на тој начин произведуваат лажни изјави.
Дека се работи за лажни снимки, покажува и апликацијата Deepware, алатка која комбинира неколку системи кои може да се користат за да се провери постоењето на dееpfake технологија во видеата:
Deepware апликацијата покажува дека видеата поставени на Телеграм во јануари се лажни (deepfake)
Deepware апликацијата покажува дека видеата поставени на Телеграм во јануари се лажни (deepfake)
Ваквите реклами и понатаму се шират во отворени канали каде што се споделуваат лажни вести, теории на заговор познати од голем број конзервативни американски блогови, во вестите се величаат успесите на Трамп, а претставниците на администрацијата на претседателот Џо Бајден се остро критикувани.