„Организацијата да е тајна и револуционерна, нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност, политичкото мото на организираните Македонци е автономија на Македонија, да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави… “
Ова биле основни принципи врз основа на кои пред 130 години, на денешен ден, во 1893 година во Солун, шестмина Македонци ќе договорат формирање на Македонска Револуционерна Организација.
Во домот на книжарот Иван Хаџи Николов одржан е состанок на кој присуствуваа д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Тоа беше чин на создавање на организација којашто почнува да се бори за ослободување на Македонија од турското ропство со сопствени сили, без помош од надвор и нејзино подоцнежно формирање како независна држава. Во спомен на тоа денешниот ден се прославува и како Ден на македонска револуционерна борба.