Раул Гонзалез на македонски јазик им држеше тајм-аут на ракометарите на Србија, кои ја победија Германија. Токму Раул беше еден од најзаслужните и го предводеше тимот на Вардар до првата титула во Лигата на Шампионите.
Никој не очекуваше ваква драма во Хернинг, а уште помалку среќен крај за Србија. Избраниците на Раул Гонзалес го приредија најголемото изненадување на вечерта, совладувајќи ја Германија со 30-27 и со тоа ги задржаа шансите за пласман во главната рунда.
Натпреварот во Јиске Банк Биксен Арена се играше пред 9.130 гледачи, што претставува рекорд за меч на кој не настапува данската селекција. Ова воедно беше и првата победа на шпанскиот стратег Раул Гонзалес на клупата на Србија на едно големо натпреварување.
Германија на полувремето имаше предност од 17-13 и, со оглед на играта и бројните промашувања на Србија, изгледаше дека дуелот ќе мине без поголема неизвесност. Но, второто полувреме донесе сосема поинаква слика. Србија направи серија од 10-4, целосно се врати во натпреварот и поведе со 23-21.
Иако Германците накратко повторно поведоа со 24-23, завршницата ѝ припадна на Србија. Илиќ, Марсениќ и Којадиновиќ донесоа водство од 27-25 во 58. минута, по што Германија направи неколку технички грешки, а еден погодок не ѝ беше признат. До крајот немаше време за пресврт, па Србија заслужено стигна до голема победа.
Во последното коло, Србија против Австрија ќе брка победа за место во главната рунда.
На останатите натпревари, Норвешка ја совлада Чешка со 29-25, а Шведска беше поуспешна од Холандија со 36-31.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












