Уште само четири работни дена до истекот на банкарската гаранција, а потоа почнува двонеделното одбројување за ХЕЦ „Чебрен“ за тоа дали ќе се потпише договорот или не. Што ќе направи власта, ќе го даде ли овој капитален проект под концесија на странци од дури 60 години?
Воедно се чека и што ќе направи грчката фирма која веќе поднела една жалба околу начинот на кој треба да се спроведе договорот. Проблемот, познато е, произлезе од тоа што грчкиот инвеститор поднесе жалба на Одлуката на владата со која се предвидува прво да се добие дозвола за води, па потоа да се потпише договор за концесија. Наспроти ова, грчката фирма што го доби тендерот за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ бара прво да потпише договор за концесија, па потоа да добие дозвола за води. Тоа предизвика застој по кој македонските власти решија да го продолжат рокот во кој инвеститорите ќе треба конечно да се изјаснат.
-Банкарската гаранција им истекува на 31 декември. Чекаме одговор од нив. Доколку не се продолжи банкарската гаранција, понудата престанува да важи. Документи никогаш не криеме, секогаш сме транспарентни. Во текот на постапката не можеме да ги споделуваме документите. Откако ќе заврши постапката, апсолутно сè ќе биде споделено со јавноста. Немаме што да криеме, изјави неодамна минисерката за екологија Каја Шукова.
Со ова, се чини, потпишувањето на договорот за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ влезе во неизвесност. Зарем мораше да се случи околу најважното и најфундаменталното прашање за изградба на секоја хидроцентрала да се решава така на брзина и со крајно различни ставови на Владата и на фирмата којашто е избрана на тендер?
Како да излегува дека нешто подлабоко не е во ред кога е во прашање реализација на овој тендер кој Владата го најавуваше како завршен и конечен. Дали во Владата увидоа дека сериозните и аргументирани критики во јавноста од страна на енергетските експерти се оправдани?
Има уште време, министрите може да увидат дека се оправдани прашањата: Зошто се прави договор кој е неповолен за Македонија? Зошто нашата држава сама не со го гради проектот? Зошто концесијата е долга 60 години кога се знае дека една хидроцентрала максимално се амортизира за половина век? Зошто е мал процент од 33-отстотна сопственост која ќе припадне на Македонија и зошто за тоа не се добива струја? Зошто мора да се подари на странците ХЕЦ „Тиквеш“…
Инаку, за потсетување: Здружение на инженери на Македонија укажа – Истечен е рокот за склучување на договор за ХЕЦ „Чебрен“.
На крајот на краиштата, морално ли е вака скап договор од милијарда евра и со така лоши услови, да се случува во последните денови од истекот на мандатот на актуелната влада, пред стапувањето во сила на техничката влада на 28-ми јануари?
Текстот е превземен од skopskoeho.mk