Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која беше осудена на седум години затвор, е пуштена на условен отпуст и го напуштила КПУ „Идризово“, каде што издржуваше казна од 2021 година.
Информацијата ја потврди директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, кој изјави дека Јанева добила условен отпуст и дека до истекот на казната е обврзана редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје.
Тој појасни дека за време на условниот отпуст таа мора строго да ги почитува законските обврски, а во случај на нивно прекршување, може повторно да биде вратена во затвор.
Претходно, условен отпуст доби и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која исто така ја издржуваше затворската казна во женското одделение на „Идризово“, каде што беше сместена и Јанева. Јанкуловска беше осудена по предметот за набавката на луксузниот службен „мерцедес“ за поранешниот премиер Никола Груевски.
Апелациониот суд Скопје во јули 2021 година ја потврди пресудата од седум години затвор за Јанева, при што во казната беше пресметано и времето поминато во притвор.
Јанева беше осудена заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 во предметот „Рекет“. Според пресудата, Јовановски бил виновен за изнудување на околу еден милион евра од бизнисменот Орце Камчев, а Јанева за примање мито и злоупотреба на службената положба.
По апсењето на Јанева, Специјалното јавно обвинителство престана со работа со поддршка од сите политички партии во Собранието. Предметот „Империја“, во кој Камчев беше осомничен, а подоцна и обвинет, продолжи и заврши со спогодба, по што тој издржа затворска казна од помалку од една година во затвор од отворен тип.
Минатата година, Јанева доби дозвола да работи преку ден во адвокатската канцеларија на нејзиниот син во центарот на Скопје, а навечер да се враќа во „Идризово“. По контрола на Управата за извршување на санкциите, било утврдено дека таа не ја извршувала работната обврска, по што оваа привилегија ѝ била укината.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












