Не сум имал тајна средба. Не се дел од мојот карактер тајните средби. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката влада или за некои други политички процеси коишто следат стојам на располагање, само терминот да го усогласиме, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната прес-конференција одговори на новинарско прашање за тоа дали веќе имал тајна средба со Димитар Ковачевски во врска со техничката влада.
Тој додаде дека не гледа зошто таквата средба би се одржала далеку од очите на јавноста и дека на народот му е преку глава од таквите тајни средби.
„Знаете дека јас одамна барам таква средба. Најпрвин бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за да конечно на крај се случат тие средби, тие состаноци лидерски, да се дефинираат изборите и слично. Не гледам зашто тоа би било далеку од лицето на јавноста и ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Еве стојам на располагање доколку се усогласат термините да имаме една таква средба на којашто би разговарале за иднината на Македонија“