Илија Псалтиров во Варшава, Абдилџемил Саити во Минхен, Сузана Тунева во Анкара и Бекри Ајдини во Абу Даби, се првите четири економски советници, кои ќе бидат упатени во амбасадите во овие четири дестинации за да ги имплементираат економските политики, кои се подготвуваат за секоја земја и регион посебно.
Ова денеска го соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи на прес-конференција на која гo претстави првиот дел од пилот проектот за идните економски советници на МНР на Република Македонија и планираните активности во врска со економската дипломатија.
Амбасадорот Илија Псалтиров, доктор по економски од Варшава, освен Полска, во рамките на економските активности ќе ги покрива и останатите земји од групата Вишеград – Чешка, Словачка и Унгарија.
Абдилџемил Саити, германистика, ќе замине во Конзулатот во Минхен, од каде ќе ги покриваат економските активности за Германија и Австрија, две земји кои се најголемите економски партнери на земјава.
Сузана Тунева, магистер по меѓународни економски односи ќе биде испратена во амбасадата во Анкара. Економскиот советник, Бекри Ајдини, магистер по меѓународна економија, кој, како што посочи Османи уште од самиот почеток е вклучен и задолжен за портфолиото Дубаи Експо, има специфични познавања на економските односи со Обединетите Арапски Емирати и воопшто регионот на заливот и соодветно на тоа ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби.
-Економската дипломатија е важен елемент на севкупната надворешна политика, но и приоритет број четири од мојата мандатна мисија, што го најавив уште на самиот старт од моето влегување во куќава. Во еден да речам суштински дел, тоа значи и испраќање економските советници за зајакнување на нашата дипломатска мрежа со оваа економска компонента, и тоа како што веќе најавив, оваа година како пилот проект во неколку дестинации. По одржаните два конкурси, бројни консултации, денеска имам чест да ги преставам првите четири избрани економски советници, кои ќе бидат упатени во рамките на нашите амбасади за да ги имплементираат економските политики кои ги подготвуваме за секоја земја и регион посебно, нагласи Османи.
Истакна дека избраните економски советници се профилирани дипломати од кариера, кои имаат и посебно искуство во економскиот аспект. Задачата на економските советници, додаде министерот за надворешни работи, ќе биде да ги престават потенцијалите на Република Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација, да ги промовираат нашите извозни потенцијали, но и воопшто да ја промовираат Македонија како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество.