Утрово од 08:30 часот магистралниот пат Куманово – Крива Паланка е целосно затворен за сообраќај поради сообраќајна несреќа, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Вчера, на 28.11.2025 во 17:45 часот, на регионалниот пат Р1105 (делницата Јосифово – Пирава), поради обилните врнежи од дожд повторно надојде Калковска Река, поради што сообраќајот беше пренасочен за сите возила кон магистралата А1 – од село Удово кон село Марвинци.
АМСМ наведува дека, освен наведените прекини, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по влажни коловози.
Потсетување: Од 15 ноември 2025 година стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, независно од актуелните временски услови. Оваа обврска важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градовите е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.
АМСМ апелира возачите да се движат со прилагодена брзина, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои ризик од одрони. Овој ризик е најизразен на делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












