Со воведните зборови на одбраната денеска во Идризово продолжува судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На рочиштето, што почнува во 9:30 часот, ќе биде даден воведен говор на одбраната на 26-тo обвинетиот – Шефкет Хазири од Министерството за економија.
Судењето продолжува под засилени безбедносни мерки и во присуство на обвинетите, роднините на жртвите и голем број новинари.
На вчерашниот ден свои воведни обраќања имаа одбраните на поранешните министри за економија и на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тие категорично ја негираа вината и тврдеа дека немале надлежности ниту можност да влијаат врз трагичниот исход, кој бил предизвикан од употреба на пиротехника несоодветна и незаконска за затворени простории.
Одбраната на Крешник Бектеши истакна дека нема причинско-последична врска меѓу неговите службени обврски и пожарот, ниту Министерството за економија има инспекциски надлежности. Одбраната на Ваљон Сараќини нагласи дека важечките лиценци не давале дозвола објектот да работи како дискотека, да прима прекумерен број лица и да користи пиротехника.
Поранешниот директор на ДЗС, Аднан Џаферовски, оцени дека обвинението е правно неосновано. Неговата адвокатка посочи дека обвинителниот акт се темели на „попис претворен во обвинение“ без фактичка врска со пожарот. „Совеста ми е чиста“, порача Џаферовски.
Во својот воведен збор, поранешниот директор Шабан Салиу рече дека ДЗС никогаш не добила документи или барања поврзани со работата на „Пулс“ во периодот од 2012 до 2017 година.
Досега воведни говори имаа сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственикот на ММММ Кафе – Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев, како и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Дел од обвинетите ја оспоруваат основаноста на обвинението.
Воведен збор допрва треба да дадат уште обвинетите службеници од Министерството за економија – Хазари, Николовски, Хаџиу, Касапи и Чекиќ Дуровиќ – како и пазарните инспектори Ампов, Евтимова, Кузмановска и Митев. Свој ред го очекува и обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата „Рубикон“, чииот предмет беше споен со овој.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 обвинители, најави дека доказите ќе покажат дека „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од неговото отворање, како последица на систематски пропусти и институционална негрижа.
Во предметот се обвинети 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












