ФИФА направи чекор кој во Русија се толкува како можен почеток на враќање на земјата на меѓународната фудбалска сцена, четири години по суспензијата воведена по почетокот на војната во Украина.
При промоцијата на Светското првенство за фудбалери до 15 години, кое оваа есен ќе се одржи во Азербејџан, светската фудбалска организација порача дека натпреварувањето е отворено за сите нејзини членки. Иако Русија не беше директно спомената, од ФИФА за АФП потврдија дека право на учество има секоја национална федерација која е дел од организацијата.
Ова отвора можност младата руска репрезентација да настапи на турнирот. И покрај тоа што руските селекции и клубови од 2022 година се надвор од меѓународните натпреварувања, Руската фудбалска федерација никогаш не беше официјално исклучена од членството во ФИФА.
Веста во Русија беше пречекана со позитивни реакции. Министерот за спорт Михаил Дегтјарев оцени дека станува збор за важен сигнал и потенцијален чекор кон враќање на руските спортски екипи на меѓународната сцена.
Тој порача дека ваквиот развој може да се толкува како почеток на процес на реинтеграција на руските спортисти, изразувајќи очекување за понатамошно олеснување на ограничувањата.
Во меѓувреме, се зголемуваат шпекулациите дека во иднина би можело да дојде до постепено ублажување на рестрикциите кон руските и белоруските спортисти. Меѓународниот олимписки комитет веќе препорача одредено олеснување за белоруските натпреварувачи, додека санкциите кон руските спортисти засега остануваат на сила.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













