Собранието на Република Македонија вечерва, на продолжението на 67. седница, го донесе Законот за средно полициско училиште. Законот беше усвоен со Бадентерово мнозинство, а расправата по него беше завршена претходно.
Со ова законско решение се воспоставува правна рамка за основање и функционирање на средно полициско училиште во кое ќе се образуваат идните полициски службеници. Предвидено е средното полициско образование да се реализира во рамки на постојниот Центар за обука во Идризово, односно во рамки на Полициската академија, согласно новиот Закон за внатрешни работи.
Образованието ќе трае две учебни години и ќе ги опфати третата и четвртата година од средното образование. Кандидатите кои ќе имаат завршено прва и втора година средно училиште ќе можат да се пријават на јавен конкурс и, доколку ги исполнуваат предвидените услови, своето школување да го продолжат во средното полициско училиште.
Во зависност од потребите на Министерство за внатрешни работи, ќе постои можност паралелно да продолжи и досегашната основна обука за полицаец, која трае една година.
Во образложението на Законот се наведува дека анализите од досегашната пракса, како и искуствата од земјите каде што ваков модел веќе се применува – меѓу кои Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Чешката Република – покажуваат дека иако се создава помал број кадар, се постигнува повисок квалитет. Подолгото траење на образованието овозможува подобра подготовка, а дополнителна предност е и тоа што учениците се запишуваат на возраст од 15 или 16 години, за разлика од досегашната пракса каде основната полициска обука ја посетуваат кандидати на возраст од 18 до 25 години.
Последната генерација во Средното полициско училиште завршила во 2000 година, а со примената на новото законско решение ќе се продолжи со 25-та генерација ученици.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












