Возачот на Итната медицинска помош од Врање, кој вчера беше тешко повреден додека превезувал дете кон Универзитетскиот клинички центар во Ниш, се наоѓа во стабилна, но сè уште критична состојба.
Тој е хоспитализиран на Клиниката за анестезија при Универзитетскиот клинички центар во Ниш и е приклучен на апарати за механичка вентилација. Лекарите информираат дека неговата состојба се следи постојано, но животот сè уште му е во опасност.
Во меѓувреме, српската полиција го уапси државјанинот на Северна Македонија кој управувал со товарниот камион и удрил во возачот на брзата помош.
Според информациите од Полициската управа во Лесковац, на осомничениот му е определен притвор во траење од 48 часа. Случајот е пријавен и се преземаат дополнителни истражни дејствија за утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.
Од Здравствениот дом во Врање соопштија дека возилото на Итната медицинска помош превезувало дете од Здравствениот дом во Врање кон Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
За време на транспортот дошло до дефект на електричната инсталација на возилото, поради што возачот, постапувајќи според правилата на струката и со цел да ја заштити безбедноста на детето и медицинскиот тим, го запрел возилото.
Откако излегол од возилото за да го отстрани проблемот, бил удрен од товарен камион и се здобил со тешки телесни повреди.
На местото на несреќата се нашол лекар кој бил во близина и веднаш го презел детето, по што безбедно го транспортирал до Универзитетскиот клинички центар во Ниш. Детето било успешно згрижено и според досегашните информации не е повредено.
Повредениот возач првично бил пренесен во Општата болница во Лесковац, каде му била укажана итна медицинска помош, а по стабилизацијата бил префрлен во Ниш на понатамошно лекување.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












