Кога станува збор за исхраната и здравјето на срцето, клучно е да се почитуваат основните принципи – исхрана богата со растителни намирници, внес на незаситени масти и избегнување на масни меса и храна со висока содржина на натриум. Истите правила важат и за пијалаците, каде што газираните и диеталните пијалаци, како и алкохолот, се меѓу најголемите непријатели на срцевото здравје.
Според Клиниката Кливленд, дури 90 проценти од срцевите заболувања може да се спречат со поздрави навики, како што се правилна исхрана, намален внес на сол, редовна физичка активност и избегнување на пушење. Иако многумина сметаат дека добро знаат што значи здрава исхрана за срцето, постои еден топол напиток кој често се занемарува, а кардиолозите го препорачуваат за секојдневна консумација – зелениот чај.
Кардиологот Леонард Пјанко истакнува дека зелениот чај е особено корисен поради високата содржина на антиоксиданси. Како што објаснува тој за Parade, антиоксидансите можат да го спречат или да го поправат оштетувањето на клетките предизвикано од слободните радикали, кои се поврзани со воспалителни процеси што ги влошуваат срцевите заболувања.
Неговиот колега, кардиологот Кишан Парих, додава дека редовното консумирање зелен чај е поврзано со намалување на крвниот притисок кај лица со хипертензија. Антиоксидансите во зелениот чај придонесуваат за опуштање на крвните садови, нивно проширување и подобрување на протокот на крв, што директно го поддржува здравјето на срцето.
Пјанко посочува и дека зелениот чај може да има позитивно влијание врз телесната тежина, бидејќи го забрзува метаболизмот и може да помогне при слабеење, што е важно со оглед на тоа што дебелината претставува значаен фактор на ризик за срцеви заболувања. Дополнителна предност е тоа што зелениот чај не содржи калории.
Покрај ефектите врз срцето, зелениот чај е поврзан и со подобрување на концентрацијата, расположението и меморијата, како и со заштита на коските и намалување на ризикот од губење на коскената маса. Сепак, експертите предупредуваат дека умереноста е клучна, бидејќи прекумерното консумирање може да предизвика вознемиреност и несоница поради присуството на кофеин. Во такви случаи, особено кај лица кои земаат терапија, се препорачува консултација со лекар.
Кардиолозите нагласуваат дека зелениот чај не е чудотворно решение, туку дел од поширок здрав начин на живот. Заменувањето на газираните и диеталните пијалаци со зелен чај може да донесе значајни придобивки, а во постудениот период од годината овој топол напиток лесно може да стане здрава секојдневна навика. Во потоплите месеци, истиот ефект може да се постигне и со негова ладна варијанта.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












