Федералното истражно биро (ФБИ) соопшти дека спречило потенцијален терористички напад кој, според истрагата, бил планиран за новогодишната ноќ во американската сојузна држава Северна Каролина, пренесува ДПА.
Осумнаесетгодишен американски државјанин планирал да нападне луѓе со ножеви и чекани во супермаркет и ресторан за брза храна во градот Минт Хил. Ова го соопшти обвинителот Рас Фергусон од Западниот округ на Северна Каролина.
Според првичните информации, осомничениот дејствувал сам и бил уапсен пред да го спроведе нападот. Специјалниот агент на ФБИ, Џејмс Барнакл Помладиот, изјави дека младиот човек ја изразил својата лојалност кон таканаречената Исламска држава и признал дека имал намера да убива Американци на почетокот на новата година.
Белешките пронајдени кај него укажуваат дека планирал да таргетира Евреи, христијани и припадници на ЛГБТК+ заедницата, вклучувајќи лезбејки, гејови и трансродови лица.
Истражителите наведуваат дека осомничениот бил радикализиран преку социјалните мрежи уште како тинејџер, а во декември станал полнолетен.
Во меѓувреме, американската државна обвинителка Пам Бонди потсети дека ФБИ во средината на декември спречил и други терористички напади планирани за новогодишната ноќ во Калифорнија. Според нејзините зборови, нападите биле планирани во Лос Анџелес и округот Оринџ Каунти, а зад нив стоела левичарска екстремистичка, пропалестинска, антивладина и антикапиталистичка група која подготвувала серија бомбашки напади врз повеќе цели.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












