Циклонски систем со центар над Турција во вторник и среда ќе донесе изразена атмосферска нестабилност во Македонија, со честа појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, најавува метеорологот Славчо Попоски.
Според прогнозите, поради високите температури и големата енергија во атмосферата, локално ќе се развиваат интензивни нестабилни процеси, проследени со невреме, обилен пороен дожд, силен ветер, чести електрични празнења и појава на град.
Попоски апелира граѓаните да бидат внимателни и да ги следат временските услови, особено во периодите кога ќе има најизразена нестабилност.
Нестабилното време ќе го зафати и Скопје со околината, каде што се очекуваат повремени поројни врнежи, грмежи и засилен ветер. Во одделни делови од котлината постојат услови за локално невреме со интензивен дожд, силни електрични празнења и појава на град.
И покрај нестабилното време, температурите ќе останат високи. Во вторник и среда максималните дневни вредности низ Македонија ќе се движат од 27 до 35 степени, додека во Скопје се очекуваат температури до 32 и 33 степени Целзиусови.
За време на најинтензивните атмосферски процеси локално може да наврнат повеќе од 20 до 30 литри дожд на метар квадратен, што може да предизвика краткотрајни проблеми и задржување на вода на одредени места.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










