Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го поздрави постигнувањето на рамковниот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија, оценувајќи го како значаен чекор во унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји.
Во објава на Фејсбук, Муцунски истакна дека договорот има особено значење за македонската економија и дека ќе обезбеди конкретни придобивки за домашните компании преку подобрен пристап до американскиот пазар.
„Усогласивме заедничка изјава и рамка за договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголеми можности за извоз на македонските компании во САД“, напиша Муцунски, изразувајќи благодарност до институциите и дипломатските претставништва кои учествувале во процесот.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера го најави договорот, посочи дека се очекува позитивно влијание врз економските движења, вклучително и стабилизирање на инфлацијата. Тој истакна дека околу шеесетина стратешки македонски производи ќе можат да се извезуваат на американскиот пазар со значително пониски тарифи, кои ќе се движат од нула до околу шест и пол проценти.
Според премиерот, договорот е резултат на повеќемесечни интензивни преговори, кои овозможиле поповолни услови за извоз и дополнително зајакнување на економските односи со САД.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












