Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром продолжуваат со успешните настапи во националниот куп, обезбедувајќи пласман во финалето шести пат по ред и вкупно 19-ти во клупската историја. „Сино-белите“ во полуфиналниот натпревар одигран во Куманово убедливо ја совладаа екипата на Кожув со 76:58.
И покрај отсуството на капитенот Бојчев, гевгелискиот состав во почетните минути беше рамноправен противник. По првата четвртина МЗТ имаше минимална предност од 20:18, а во тие моменти се истакна младиот Кузманов со девет поени.
Фаворитот постепено го презеде целосниот ритам на натпреварот и по 17 минути игра стигна до првата двоцифрена разлика (36:26). До крајот на полувремето предноста дополнително порасна, па на паузата скопскиот тим замина со убедливи 46:28. Во второто полувреме МЗТ Скопје рутински ја контролираше играта и без проблем ја задржа предноста до конечната победа.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Смит Мексвејн со 12 поени, додека Магдевски и Дамјан Стојановски постигнаа по 10 поени, при што Стојановски запиша и шест скока и две асистенции.
Кај Кожув, Кузманов забележа „дабл-дабл“ учинок од 15 поени и 10 скока, Николас реализираше 12 поени со исто толку скока, а Симиќ додаде 12 поени и шест скока.
Во второто полуфинале од турнирот вечерва од 19:30 часот ќе се сретнат Куманово и ТФТ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












