Американскиот претседател Доналд Трамп одржа состанок со најблиските советници во Белата куќа, на кој се разговарало за нуклеарната криза со Иран и можните следни чекори на Вашингтон.
Според извештај на Axios, на состанокот биле разгледани повеќе сценарија, вклучително и воени опции, по неуспешните разговори со иранските претставници одржани во Женева.
Од Белата куќа, сепак, посочуваат дека станувало збор за редовен брифинг. Портпаролката Керолин Ливит изјавила дека средбата била однапред закажана со цел да се слушне извештај од специјалните пратеници за преговорите со Техеран, а не за итен кризен состанок.
И покрај тоа, извори блиски до администрацијата наведуваат дека САД се поблиску од кога било до директен воен судир со Иран, што би можело да прерасне во поширока регионална конфронтација.
Во изминатите недели, Вашингтон значително го засили военото присуство на Блискиот Исток. Распоредени се борбени авиони од најнова генерација, меѓу кои Ф-35 и Ф-22, како и дополнителни сили за поддршка на можни операции.
Паралелно, на море се распоредени повеќе американски воени бродови, вклучувајќи го и носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, додека уште сили се упатуваат кон регионот.
Се разгледуваат и ограничени воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран, но и поширока операција со цел ослабување на политичкото и военото раководство во земјата.
Во меѓувреме, премиерот на Полска, Доналд Туск, ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, предупредувајќи дека евакуацијата наскоро може да стане невозможна.
„За неколку часа можеби повеќе нема да биде можно да се евакуираат Полјаците од Иран. Ве молам веднаш да ја напуштите земјата“, изјави Туск.
Тензиите дополнително се зголемија откако дипломатските разговори пропаднаа, а барањата на САД за значителни отстапки во нуклеарната и ракетната програма на Иран беа одбиени.
Во случај на ескалација, според извори, и Израел би можел да се приклучи на американските операции, што дополнително ја зголемува загриженоста за ширење на конфликтот во регионот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












