Најмалку 74 лица загинаа во Мексико, меѓу кои и 25 припадници на Националната гарда, во операцијата во која беше убиен водачот на картелот Немесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, како и во насилството што уследи по неговата смрт, соопшти министерот за безбедност Омар Гарсија Харфуч.
Владините сили се обиделе да го приведат нарко-босот во сојузната држава Халиско. Осегуера бил ранет во судирот и починал додека со авион го транспортирале кон Мексико Сити, по што следела жестока реакција од припадниците на Картел Халиско нова генерација.
Осомничени членови на картелот палеле автомобили, блокирале патишта и напаѓале банки, бензински пумпи и продавници во повеќе сојузни држави. Според мексиканските власти, ситуацијата подоцна била ставена под контрола.
– Мексико е мирен. Се разбудивме без блокади и сите активности се обновени – изјави претседателката Клаудија Шеинбаум.
Насилствата предизвикаа загриженост и околу безбедноста во пресрет на Светското првенство во фудбал, на кое Мексико ќе биде кодомаќин. Дел од натпреварите треба да се одиграат во Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј, додека останатите ќе се одржат во САД и Канада.
Од Белата куќа соопштија дека САД обезбедиле разузнавачка поддршка во операцијата, опишувајќи го Ел Менчо како еден од најголемите шверцери на фентанил. Шеинбаум, сепак, нагласи дека во акцијата учествувале исклучиво мексикански сили, со размена на информации од американска страна.
Мексиканското Министерство за одбрана информираше дека во Тапалпа, Халиско, биле убиени осум членови на бандата и биле запленети оклопни возила и тешко оружје, вклучувајќи и ракетен фрлач.
Според локалните медиуми, околу 20 од 32 мексикански држави биле погодени од насилство по смртта на нарко-босот, а повеќе странски амбасади апелирале до своите граѓани на зголемена внимателност.
Ел Менчо, поранешен полицаец, го предводеше картелот од неговото основање во 2011 година. Организацијата што ја водеше е транснационална мрежа вклучена во трговија со дрога, изнуда, шверцување мигранти, кражба на ресурси и нелегална трговија со оружје.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












