Сенатот на САД не ја усвои резолуцијата со која се бараше ограничување на воените овластувања на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со конфликтот со Иран.
Предлог-резолуцијата, поднесена од демократскиот сенатор Тим Кејн, предвидуваше прекин на сите воени дејствија против Иран што не се одобрени од Конгресот. На гласањето, 53 сенатори се изјаснија „против“, додека 47 гласаа „за“.
Единствениот демократ кој гласаше против резолуцијата беше сенаторот од Пенсилванија, Џон Фетермен. Од друга страна, републиканскиот сенатор од Кентаки, Ранд Пол, ја поддржа иницијативата и гласаше „за“.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, пред гласањето изјави дека Доналд Трамп ја вовлекол Америка во конфликт без јасни цели, без конкретен план и без одобрение од Конгресот.
Според американскиот устав, Конгресот има надлежност да објавува војна. Законот за воени овластувања, донесен во 1973 година по Виетнамската војна, му дозволува на претседателот да покрене ограничена воена акција во случај на непосредна закана по САД.
Демократите тврдат дека во конкретниот случај со Иран не постоела таква непосредна закана.
За истата резолуција денеска треба да се гласа и во Претставничкиот дом, каде што, поради мнозинството на републиканците, се очекува исходот да биде сличен.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












