Судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 65 лица, а повеќе од 200 беа повредени, продолжи со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Пред судот сведочеше 21-годишната Мартина Ристевска, која кобната ноќ била во дискотеката заедно со две другарки. Таа раскажа дека во клубот пристигнале околу 2:15 часот, купиле билети и влегле внатре, каде што веќе ги чекало нивното друштво. Во моментот кога избувнал пожарот, таа ги снимала членовите на бендот ДНК и не го забележала веднаш почетокот на огнот.
Како што сведочеше, го слушнала пејачот како вели дека плафонот гори и дека присутните треба да излезат, по што настанала огромна паника и турканица кон излезот. Таа рече дека не се сеќава како успеала да стигне до вратата, каде што, според неа, луѓето од обезбедувањето Лазо и Столе им помагале на присутните да излезат.
Ристевска изјави дека надвор од дискотеката се сретнала со двете другарки, кои исто така успеале да се спасат, а потоа останале пред клубот за да им помогнат на повредените. Посебно ја истакна пожртвуваноста на обезбедувањето, за кое рече дека и покрај лошата здравствена состојба продолжило да извлекува луѓе од објектот.
Таа откри дека на својот мобилен телефон има видео на кое случајно се гледа почетокот на пожарот. Видеото, како што појасни, го снимала за да го објави на „Инстаграм“, а дури следниот ден забележала дека на снимката се гледа мал жар на плафонот над една од пиротехничките прскалки поставени на бината.
Пред судот сведочеше и Христијан Китанов, кој исто така бил повреден во пожарот. Тој изјави дека речиси секој викенд ја посетувал дискотеката „Пулс“ и дека таму влегувал и како малолетен, без да му биде побарана лична карта. Кобната вечер дошол во клубот со пријател околу половина час по полноќ.
Китанов сведочеше дека во моментот кога се активирале пиротехничките прскалки се наоѓал покрај столб и немал директен поглед кон бината. Тој рекол дека слушнал како некој извикал дека има пожар, по што погледнал кон плафонот и забележал мал оган, мислејќи дека брзо ќе биде изгаснат. Но, како што рече, за само една минута целиот плафон бил зафатен од пламен.
Според неговото сведочење, пожарот избувнал околу 2:34 часот, а просторот за кратко време се исполнил со густ чад и силна топлина. Додека се обидувал да излезе, се нашол во метеж од луѓе кои панично се туркале кон вратата. Во хаосот паднал на подот пред самиот излез, а врз него паднале и други лица.
Китанов раскажа дека од плафонот паѓале црни парчиња материјал, налик на сунѓер, кои го погодиле во грбот и му предизвикале изгореници од втор степен. Тој сведочеше дека во гужвата почнал да се гуши и да бара помош, додека луѓето од обезбедувањето се обидувале да извлекуваат присутни.
Во спасувањето се вклучил и полицаецот Драган Казаков, кој повеќепати се обидел да го извлече од гужвата. На крајот, со помош на неговиот вујко и обезбедувањето, Китанов бил извлечен, но веќе бил во несвест. Подоцна бил освестен со вода и пренесен со приватен автомобил во болницата во Кочани.
Тој додаде дека таа вечер, околу 2:15 часот, во дискотеката влегла полиција која проверувала дали има малолетници, при што дел од нив се обидувале да се сокријат во тоалетите. Според неговите зборови, клубот често бил преполн, особено кога имало концерти.
Китанов изјави дека во првите моменти по избувнувањето на пожарот го видел сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов-Деко, како трча со противпожарен апарат и го носи кон бината, по што двајца од изведувачите се обиделе да го изгаснат огнот, но без успех.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












