Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема причина за загриженост околу снабдувањето со горива во земјава, нагласувајќи дека состојбата е стабилна и под целосна контрола. Изјавата доаѓа по средба со претставници на нафтената индустрија, на која се разговарало за состојбата со нафтените деривати во услови на глобални енергетски предизвици.
На состанокот била направена анализа на актуелните движења на пазарот, особено во контекст на кризата на Блискиот Исток и можните последици врз снабдувањето со енергенси.
Мицкоски информираше дека заклучокот од разговорите е дека снабдувањето со гориво е стабилно и дека во моментов нема ризик од недостиг на нафтени деривати.
„Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати, имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат“, напиша премиерот на својот профил на Фејсбук.
Тој додаде дека институциите и понатаму внимателно ќе ја следат состојбата на пазарот и дека ќе реагираат доколку се појави потреба од дополнителни мерки.
Изјавата на премиерот доаѓа во период на зголемена неизвесност на светските енергетски пазари, предизвикана од ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и можните последици врз глобалното снабдување со нафта и нафтени деривати.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












