Вицепремиерот Александар Николоски упати остри критики кон Левица и пратеникот Амар Мецановиќ, обвинувајќи ги дека со, како што рече, „хистерија“ околу урбанизацијата го кочат економскиот развој на државата.
На седница за пратенички прашања, Николоски истакна дека ваквите политики, според него, ги оттурнуваат инвеститорите, го намалуваат отворањето нови работни места и придонесуваат за раст на цените на становите, што дополнително ги тера младите да се иселуваат.
Тој нагласи дека Владата работи на олеснување на инвестициските процеси и забрзување на урбанизацијата, со цел да се создаде поголема конкуренција на пазарот. Како пример ги посочи најавите за влез на странски трговски ланци како Lidl и SPAR.
Според Николоски, измените на регулативата ќе овозможат побрзо градење на маркети, но и други објекти како училишта, болници и катни гаражи. Тој додаде дека ваквите мерки се насочени кон зголемување на конкуренцијата и намалување на цените, повикувајќи се и на наодите на Комисијата за заштита на конкуренцијата за постоење на картелско здружување на пазарот.
Вицепремиерот ја обвини опозициската партија дека со своите реакции создава непотребна паника, вклучително и околу прашања поврзани со изградба надвор од урбани средини и заштитени подрачја. Тој посочи дека ваквите проекти носат инвестиции, вработувања и економски бенефити.
Воедно, Николоски оцени дека дел од законските измени биле неоправдано оспорувани од Левица, додавајќи дека не се реализирале предупредувањата за „урбан хаос“. Како пример ги наведе високите цени на недвижностите, особено во Охрид и Скопје, кои, според него, се резултат на ограничувањата и политиките што ги предлага опозицијата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












