Седум лица биле лишени од слобода поради семејно насилство, а со едно лице бил извршен службен разговор, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи. Во последното деноноќие биле евидентирани вкупно девет пријави поврзани со семејно насилство.
Полициски службеници од СВР Куманово привеле двајца кумановци на возраст од 49 и 34 години поради физички напади врз членови на нивните семејства, односно мајка и сопруга.
Во Скопје, полицијата го лишила од слобода 40-годишниот И.Б., откако било пријавено дека во семејниот дом во Карпош упатувал закани кон неговата 68-годишна мајка, и покрај судската мерка за забрана за приближување и отстранување од домот.
Приведен бил и 45-годишниот Б.А. од Скопје, кој според пријавата, физички ја нападнал својата 33-годишна партнерка во домот во Аеродром и ѝ се заканувал со огнено оружје. Според информациите, насилството траело и претходно, но случаите не биле пријавувани.
Полицијата интервенирала и во Бит Пазар, каде бил приведен 34-годишен скопјанец поради физички напад врз неговата 41-годишна сопруга. Според пријавеното, таа подолг период била изложена на физичко и психичко малтретирање.
Во Центар, пак, бил приведен 16-годишник кој физички го нападнал својот 50-годишен татко во семејниот дом.
Во текот на вчерашниот ден бил извршен службен разговор и со 33-годишен жител од скопскиот регион, по пријава дека физички ја нападнал сопругата и ѝ се заканувал со остар предмет. Жената пријавила дека со години трпела психичко и физичко насилство.
Дополнително, 37-годишна жена од Скопје пријавила дека била физички нападната од нејзиниот партнер, државјанин на Турција, во објект на подрачјето на Бит Пазар.
Во Штип, полицијата привела 44-годишен маж по пријава од неговата сопруга дека по расправија го турнал нивниот малолетен син.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












