Во своето обраќање, Божиновска истакна дека во услови на глобални кризи, енергетиката повеќе не е само економско прашање, туку прашање на безбедност, стабилност и стратешка отпорност на државите.
„Изолацијата не е стратегија. Соработката е“, порача министерката, нагласувајќи дека Северна Македонија активно работи на диверзификација на енергетските извори, регионално поврзување, инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на регионалната енергетска поврзаност на Балканот, која, според Божиновска, денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурно прашање.
Министерката нагласи и дека зелената транзиција мора да биде реална, праведна и социјално одговорна, без создавање енергетска сиромаштија и нови економски нееднаквости, особено за земјите во развој и транзиција.
„Зелената транзиција не може да успее ако создава енергетска сиромаштија и ги продлабочува нееднаквостите. Потребна е транзиција што ќе биде истовремено и одржлива и праведна“, истакна Божиновска.
Таа се осврна и на важноста од регионална соработка, стабилни партнерства и забрзана интеграција, потенцирајќи дека малите држави не смеат да бидат пасивни набљудувачи на глобалните промени, туку активни учесници во нивното обликување.
Учество на Македонија на вакви глобални форуми е од особена важност за позиционирање на државата како активен и кредибилен партнер во меѓународните процеси поврзани со енергетиката, економската стабилност, зелената транзиција и регионалната соработка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












