Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е шокиран од одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино и порача дека очекува случајот повторно да биде разгледан.
Во предметот беа опфатени поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој се наоѓа во Австралија, како и бизнисмените Ратко Капушевски и Асмир Јахоски, за кои претходно постоеја сомнежи за злоупотреби при набавката на мазут за потребите на државата.
Обвинителката Катерина Коларевиќ, по 14 месеци истрага, соопшти дека не биле утврдени злоупотреби и дека државата не претрпела штета со спорните набавки, поради што постапката беше запрена.
Мицкоски рече дека со неверување ја примил веста и оцени дека доколку предметот не биде вратен на повторно разгледување, Обвинителството за организиран криминал ќе го изгуби својот кредибилитет.
Тој додаде дека е добро што АД ЕСМ ќе поднесе жалба на одлуката и изрази очекување случајот повторно да биде анализиран.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












