Интер ја освои двојната круна оваа сезона во Италија, откако со победа над Лацио од 2:0 стигна до трофејот во Купот на Италија, вкупно десетти во историјата на клубот во ова натпреварување.
Екипата предводена од Кристијан Киву одигра сигурен натпревар и уште од почетокот ја наметна контролата на играта. Првите минути минаа во испитување на силите, но Интер прв се закани преку Лаутаро Мартинез, чиј удар во 12. минута мина крај голот.
Само две минути подоцна, „нероаѕурите“ дојдоа до водство. По корнерот на Федерико Димарко, Маркус Турам ја закачи топката, а таа заврши во сопствената мрежа по интервенција на Адам Марушиќ.
Интер продолжи со притисок и создаваше шанси преку Димарко и Дамфрис, а вториот гол пристигна во 35. минута. По голема грешка во одбраната на Лацио, Дамфрис ја искористи ситуацијата и му асистираше на Лаутаро Мартинез за 0:2.
Во второто полувреме Лацио се обиде да се врати во натпреварот, но без реализација на создадените шанси. Интер имаше уште неколку можности да го зголеми водството, но резултатот остана непроменет до крајот.
Со оваа победа, Интер го заокружи сезонскиот успех и ја потврди доминацијата на домашната сцена.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













