Аеродромци успешно го започнаа походот кон својата 13-та шампионска титула, откако во СЦ „Јане Сандански“, пред околу 1.200 гледачи, МЗТ Скопје Аеродром го совлада дебитантот Маџари со 84:77 и поведе со 1-0 во финалната серија од плеј-офот во македонската кошаркарска Суперлига.
Иако конечниот резултат сугерира релативно сигурна победа, натпреварот беше далеку од лесен за домаќините. Екипата на Маџари одигра храбро и покажа зошто оваа сезона важи за едно од најпријатните изненадувања во македонската кошарка.
Избраниците на Милан Тодоровиќ го отворија натпреварот одлично и без респект кон фаворитот. Со добра организација во нападот, гостите ја добија првата четвртина со 26:18 и во еден момент имаа предност од девет поени.
Сепак, МЗТ Скопје брзо возврати. Тимот на тренерот Васко Атанасов ја стабилизираше играта, ја засили одбраната и преку брзи контранапади направи пресврт. Вториот период им припадна со 27:14, по што на полувреме заминаа со водство од 45:40.
Клучна беше третата четвртина, во која МЗТ стигна до двоцифрена предност и постепено ја контролираше играта до самиот крај, без да дозволи сериозен камбек на противникот.
Кај победничкиот тим се истакна Андреј Маслинко со 17 поени, додека Душан Танасковиќ забележа 15 поени, 7 скока, 4 асистенции и 2 блокади. Ерик Мекеден постигна 14 поени, а капитенот Дамјан Стојановски додаде 12 поени и 5 скока.
Во редовите на Маџари, најдобар беше Томи Левис со 27 поени и 8 скока. Тајрел Армстронг оствари 19 поени, 8 скока и 8 асистенции, додека Амар Хот доминираше во скок играта со 15 скока и придонесе со 8 поени.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











